Некогаш, во некогашната федеративна држава Југославија, за најголеми фудбалски клубови се сметаа Црвена ѕвезда и Партизан од Белград, Динамо од Загреб и Хајдук од Сплит. Беа нарекувани „голема четворка“поради бројот на трофеите што ги имаа освоено. Меѓутоа меѓу најфудбалските градови во целата држава беше сметан Прилеп, поради преполните трибини на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Затоа во поново време се наметна идеја за организација на турнир на некогашни врвни фудбалери – ветерани, турнир кој би се одржал баш во Прилеп, каде покрај Звезда, Партизан, Динамо, Хајдук, би учествувала Победа и уште неколку клуба од Македонија.
– Прекрасно, сите ќе прифатат. Служев војска во Битола, а фудбал гледав во Прилеп. Овде е најдоброто место за спектакуларен турнир, да се „стресе“ цел Балкан – рече Небојша Вучичевиќ од Партизан, при учеството на ветеранскиот турнир во мал фудбал во Прилеп зимата 2012 година.
Потсетуваме, на ветеранскиот турнир во мал фудбал, при Зимскиот турнир „Свети Никола“ во Универзалната сала, учествуваа четири клуба – Партизан (Белград), Победа (Прилеп), Пелистер (Битола) и Вардар (Скопје), а победник беше Победа.
На фотографијата се двете екипи учеснички во финалето, Победа и Партизан.