Смислата секое натпреварување ја добива на крајот. Така и Бизнис лигата на Прилеп во мал фудбал. Синоќа во Ресторан „Гламур“ беше прекрасна дружба, низ вечера, пијалаци и музика, расположение не само на екипи и играчи, ами и на други инволвирани во лигата – од организацијата, од судиската фела, од медиумите… Играчите се ривали само на паркетот во салата „Еврогол-арена“, а секаде претходно и потоа се пријатели, другари. Така и синоќа до полноќ.
Се разменија впечатоци за натпреварувањето, каде имаше основен дел со учество на 18 тима, како и плејоф од четвртфинале, полуфинале и финале за да се добијат на крајот најуспешните три: СОНК, Витаминка и Паркетар Горан Електроелемент. За следната сезона наскоро ќе почне пријавувањето кај организацијата, предводена од Миле Црното Гаврилоски и Слободан Цобе Ангелески. Синоќа се спомна предлог за лига од 12 до 14 екипи.
Планот е следната сезона да стартува од септември.