Поттикнати од ланскиот успех на прилепчанчето Златан Гајтаноски кој минатото лето 2024 година го преплива Малиот охридски маратон, оваа година две прилепски ,„делфини“, Христина Атанасоска и Јордана Кацарска ја препливаа истата делница од хотел „Парк“ до Градското пристаниште во Охрид. За ова да се постигне претходеа секојдневни пливачки подготовки на Градскиот базен во Прилеп и на Спортскиот камп во Охрид под менторство на професорите Васко Гајтаноски и Илија Ангелески.
Христина Атанасоска која има 12 години беше меѓу најмалите учесници и се пласира како најдобро рангирана учесничка од сите прилепчани учесници кои беа на овогодинашното 46. издание на Малиот охридски маратон препливувајки ги 2,5 км за време од 52 минути, додека Јордана Кацарска која има 13 години пристигна на целта со неколкуминутно задоцнување по својата другарка.
– Двете прилепски спортски хероини на големиот македонски празник Илинден не направија горди сите во Пливачката школа „Васко-Иле“ и се поттик и за сите други деца да започнат и активно да се занимаваат со пливање. Христина и Јордана веќе осма година се дел од нашата школа. Тие само еден ден по својот успех, во понеделникот, меѓу своите пливачки другарчиња на Градскиот базен во Прилеп наидоа на приреден свечен дочек со аплауз и честитки од сите присутни – задоволен е тренерот Васко Гајтаноски.
Со нетрпение се чекаат следните натпревари и новите успеси.