На неизвесноста конечно и дојде крајот – нема дилеми околу прашањето каде како домаќин ќе ги игра натпреварите новиот второлигаш Големо Коњари. Најновата информација е од Тони Даноски, претседателот на клубот.
– Сите домашни мечеви од првото до последното коло ќе се играат во Големо Коњари. Нашето игралиште доби дозвола за натпреварите од Втората лига – известува Даноски.
Со ова отпаѓа варијантата Големо Коњари да игра како домаќин на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп. Единствениот меч на тој терен ќе биде на 27 септември во 6. коло, кога Победа ќе го пречека Големо Коњари.
Клубот Големо Коњари веќе петти ден продава сезонски карти од по 1.000 денари. Првиот првенствен дуел дома е на 23 август, со Детонит од Радовиш.
