Секоја година на Меморијалниот меѓународен турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп се доделува награда за животно дело, а овојпат, на десеттото издание, таа е за Петар Велјаноски – Стипе. За него многу се знае за периодот од седумдесеттите, осумдесеттите, деведесеттите години од 20 век, за годините од 21 век, а во оваа прилика ќе потсетиме што пишува во монографијата за прилепскиот ракомет од авторот Миле Талески:
„Пеце Велјаноски беше роден ракометар. Како поинаку да се третира податокот што тој, така да се рече, по еден тренинг во младиот тим беше прекомандуван во првиот тим на Тутунски комбинат и веднаш се најде меѓу седумтемина кои го започнаа натпреварот. Тој беше голгетер од калибарот на голгетерскиот тандем Стеван Николоски – Влатко Коруноски, а се чини им ги имаше „украдено“ особините и на двајцата. Ги знаеше сите финти на голем ракометар и стрелец. Постигнуваше голови од сите позиции и применуваше еден чуден удар од седум метри, што сега популарно се вика „сув лист“… На експресен начин се нареди меѓу најдобрите ракометари на Македонија, па играше и за македонската репрезентација и беше нејзин голгетер. Немаше година да не биде меѓу десетте најдобри спортисти на Прилеп… Како што беше успешен играч, така беше и успешен тренер и во женската и во машката екипа од својот матичен клуб… Не случајно стана и тренер на Младинската репрезентација на Македонија, која го постигна најголемиот успех – четвртото место во Европа.“
Последен тренерски ангажман му беше во машкиот тим Прилеп.
МОЛБА ЗА ПОМОШ!.
