Неодамна се случи позитивен настан – на 65. седница на Советот на Општина Прилеп беше одлуката што едногласно беше усвоена на ФК Победа од буџетот да и се додели финансиска поддршка во износ од 1.000.000 денари. Но проблемот е во тоа што префрлањето на парите на клубот нема да оди брзо. Дознаваме дека процедурата била таква, што можеби ќе се чекало со недели или со месеци. А од клубот велат дека без финансии ќе ја пропуштат шансата за доведување нови играчи – квалитетни и искусни на сите позиции – од голманската до напаѓачките.
Што да се прави? В сабота стартува првенството, в петок е последниот ден за верификување на новите фудбалери, а утре (четврток) мора се да биде средено со документите, а за да бидат потпишани договорите мора да им се исплати нешто на тие играчи, кои имаат понуди и од други клубови. Времето тече, не денови, ами часови се во прашање. Прилеп има моќни компании, дали ќе му помогнат на најсаканиот спортски клуб, сега кога е најтешко? Од оваа финансиска помош зависи со кој играчки фонд Победа ќе влезе во првенството од Втората лига.
А во клубот нудат одговорност како никогаш досега – финансиски отчет за секој потрошен денар, јавно на медиум.
ТРЕНИНЗИ ПРЕД ГЛЕДАЧИ!
И во најтешкото Победа не ја напуштаат навивачите, симпатизерите, сите оние што ја сакаат. Најверните доаѓаат секој ден на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ за да ги гледаат тренинзите. А на нив и играчите и тренерите даваат максимум.
И во ова првенство се очекува Победа да има многубројна публика на домашните натпревари.