Пред Универзалната сала во Прилеп отворен е четиридневниот Меморијален меѓународен турнир „Миле Нешкоски“. По едноминутното молчење и положувањето цвеќе на споменикот од прерано починатиот ракометар, од говорницата беше потсетено на најзначајните моменти од неговата богата кариера. Беше спомнато дека во сезоната 1991/92 со екипата Тутунски комбинат влезе во Првата југословенска лига, подоцна стана македонски репрезентативец на позицијата лев бек, беше избиран повеќепати во десетте најдобри прилепски спортисти, како и тоа дека дел од кариерата помина во Саудиска Арабија.

Овој десетти по ред турнир со свое обраќање го отвори градоначалникот на Прилеп д-р Борче Јовчески, кој потенцира дека турнирот не е само спортски настан, туку и симбол на пријателство, почит и трајно сеќавање на еден човек кој му го посвети животот на ракометот.

Така, турнирот е отворен и натпреварите на новата подлога во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ можат да почнат. Првиот денешен меч е од 18 часот, Пролет (Скопје) – Еурофарм Пелистер 2 (Битола), потоа во 20 часот Прилеп – Бутел (Скопје).
Влезот за сите ракометни љубители е слободен.
ВИДЕО