Дека во Фудбалскиот клуб Победа од Прилеп е голема борба за опстојување на клубот, показател е и возраста на фудбалерите коишто настапија вчера, во 1. рунда од Втората лига. Во Новаци, против домашниот тим се појави екипа на којашто просекот и е само 18,4 години. Од 13 играчи коишто влегоа во игра, дури 11 се младинци. Најмлад е 16-годишниот Гоце Кузманоски, кој се појави во првата постава, а највозрасен капитенот Филип Димоски со 26 години. Освен него младинец не е само уште Мартин Талески со 22 години.
Ништо ново кога станува збор за Победа, приближно таа возраст беше и минатата сезона, но овојпат настапија и некои играчи што се ем млади ем неискусни, чии имиња и презимиња на прилепските навивачи не им се познати. Секоја чест за момчињата коишто се нафатија да го носат дресот на Победа, токму во периодот кога клубот е во најтешка ситуација. И покрај поразот од 2:0, со голови примени во судиското надополнување, во Новаци оваа премлада екипа на Победа се претстави достоинствено. Покажа дека заслужува поддршка. Овој тим и овој клуб заслужуваат поддршка токму сега, од градот Прилеп, од бизнис-секторот, од компаниите… Сега е време, додека трае летниот преоден рок до 6 септември, за да се доведат неколку поискусни, како помош за оваа екипа.
Победа следниот меч го има на 30 август, првенствен дома со Саса, бидејќи за Куп дома со Башкими наместо на 27 август ќе се одигра на 9 септември.
МОЛБА ЗА ПОМОШ!
