Почнува новата сезона од Супер лигата на Македонија во ракомет за мажи, а во тие рамки е и мечот од 1. рунда, Прилеп – Еурофарм Пелистер 2. Традиционално пелагониско дерби, прилепчани против битолчани. Интересен дуел ако се земе предвид она што претходно се случуваше.
Имено, Прилеп доведе тројца нови играчи: Сандро Дарсанија (играше во Португалија), Божидар Лековиќ (Азербејџан) и Димитар Димитриоски (Шпанија). Екипата е со нов тренер (Наум Танески), така што има амбиции за влез во плејофот, меѓу шесте најдобри во лигата.
На спротивната страна е битолскиот Еурофарм Пелистер 2, предводен од тренерот Александар Зарков. Кај овој тим интересно е што на претходните 24 првенствени меча нема пораз, нема ни реми, сите се само победи! Прво 14 пати со ред победи во рамките на Првата лига А-група (по 2 пати со Јехона од Гостивар, Астраион од Струмица, Аеродром, Металург и Мултиесенс од Скопје, Овче Поле од Свети Николе и со Кичево), потоа уште 10 пати со ред победи во плејофот од Првата лига (по 2 пати со Драчево, Скопје и Македонија Ѓорче Петров – сите од Скопје, против Младост од Богданци и со Вардар од Неготино). Потсетуваме дека неодамна овој битолски суперлигаш го освои првото место на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп, во финалето совладувајќи го со 32:26 токму домашниот Прилеп.
В сабота од 18.30 часот Прилеп – Еурофарм Пелистер 2 се игра во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп.
