Вторникот обично не е за фудбал, но денешниот вторник е исклучок. Токму денеска од 15.30 часот е мечот Победа (Прилеп) – Башкими (Куманово) од 16-финалето на Купот на Македонија. Второлигашот (по 3 кола 15-пласиран со 1 бод) има против себе прволигаш (по 4 кола 5-пласиран со 7 бода). Дуелот е на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп.
Главен судија за овој натпревар делегиран е Благојче Ралевски (Битола), помошници Горан Балески (Охрид) и Николче Николовски (Ресен), четврти судија Кирил Смоквоски (Прилеп), делегат Николче Ивановски (Битола), а контролор Благој Шуклев (Стојаково).
Еве ги составите на екипите од последните првенствени средби:
ПОБЕДА: Анѓелевски, Кукески, Ѓорѓиев, Ахмедов, А. Петрески, Н. Павлески, Крајоски (46. Зарески), Ф. Димоски, Кузманоски, Л. Митрески (46. К. Наумоски), Л. Трајкоски (46. Д. Јошески – 75. Д. Паскоски). Тренер: Стојанче Дунимаглоски.
БАШКИМИ: Јашар, Пановски, Бихорац, Личина, Симоновски, Демири (68. Манасиевски), Џелили (73. Хаџиќ), Мемети (46. Мурати), Алексовски (46. Аворнуо), Хабибула (46. Зука), Огузхан. Тренер: Миле Митев.