На „Еуроспорт куп 2025“ во Куманово успешно се претстави Фудбалскиот клуб „Прилеп“ во јавноста познат и како Фудбалска школа „Тони“, со тренерите Тони Наумоски и Дарко Вршкоски. На овој меѓународен фудбалски турнир генерацијата фудбалерчиња родени 2014 година стигна до 1/8-финалето, што значеше дуел со италијанскиот гигант Лацио од Рим.
– Децава се носеа, иако резултатот е превисок, 4:0 за нив. Во првите минути случаен гол дадоа, откако се чинеше дека топката е веќе излезена во гол-аут. Играта продолжи и примивме гол, потоа за кусо време уште еден и така натаму… Но, морам да истакнам дека дваесетина минути имавме и ние добра игра, убави акции и шанси, погодена статива.. Се на се – одлично искуство за нас, против ваков голем клуб, со тројца тренери, физиотерапевт, доктор. Во иднина ќе настојуваме учества на турнири каде што има вакви силни клубови, а и на нашиот летен турнир ќе гледаме токму такви да поканиме, да ни гостуваат – рече Тони Наумоски.
На турнирот во Куманово организиран од ФК Еуроспорт, генерацијата 2014 од ФК Прилеп претходно ги совлада Брера (Струмица) со 1:0, Престиж (Врање, Србија) со 2:0 и НК Томислав (Ливана, Хрватска) со 1:0.
Учествуваа и други познати странски клубови, како Торино и Рома (Италија) ЦСКА (Софија, Бугарија), Бенфика (Лисабон, Португалија), Партизан (Белград, Србија).