Ни оддалеку не изгледаше така – дека прилепска Победа ќе биде клуб строго казнет од Фудбалската федерација на Македонија во врска со мечот од 10. коло на Втората лига, Победа – Шкендија А. 0:1. Домашните ем загубија со резултат на теренот, ем со казните трпат последици и во следните дуели кога се во улога на домаќини, ем страда скромниот клупски буџет. А прилепскиот клуб вложи многу напори за да помине се во најдобар ред, за гостите да се чувствуваат најубаво и без проблем да ги поминат деведесетте минути на теренот. Сепак, казните од ФФМ се мошне високи: 4 меча дома без публика и парична казна во висина од 3.000 евра.
Ако се имаат предвид овие казни, тие се однесуваат за следните 4 меча на кои Победа е домаќин – есенва со гевгелиски Кожуф и штипска Брегалница, напролет со Новаци и со ресенска Преспа.