Многу симпатизери се приврзани за Фудбалскиот клуб Победа и ден-денеска, а истото може да се каже за минатото, времето кога симпатизерите биле нарекувани „борини“, поради тоа што „гореле„ за клубот. Таков до пред некој ден беше Димитар Чучуроски, кој за огромна жал на градот го заврши животот на 74 години. човек познат и по поправката на механизмот од Градскиот саат и неговото одржување.
-Немаше ден да не се спомне Победа. Со Победа живеевме. Саатот го поправам, а мислам на Победа. Колкупати дуќанот ќе го затворев за да одам на стадион. Се расправав со татко ми и мајка ми: ,,Како дуќанот го затвораш за да одиш на тренинг?,,. Немаше шанси да не појдам на натпревар. Затворам и заминувам. Во среда и сабота, пазарни денови, без оглед дали почнува натпреварот во еден или во два часот, ич не се мислев. Клучот на врата, и на фудбал. Или на тренинг, нема разлика. Ако иди баш тогаш муштерија, не се менува од планот. Го губам муштеријата. И ноќе не спиевме за Победа – со возбуда раскажува Чучуроски.
Чучуроски не гледаше само мечеви, ами и тренинзи. Присуствуваше и на многу клупски состаноци и собири, каков што беше пред неколку месеци со генерацијата којашто без прекин во 1987 година нареди седум победи во Втората југословенска лига.