Фудбалската школа „Вондеркидс“ којашто постои неполни две години, има со што да се пофали. Генерацијата 2011, водена од стручниот тим (Стевче Талески, Филип Мирчески, Жарко Димоски, Филип Стомнароски и Златко Петрески) го освои 1. место во есенскиот дел од Пелагониската регионална лига на ФФМ. Пласирана е погоре и од големите клубови со реноме, Пелистер и Победа.
Импозантен е ефектот на осумте мечеви: максимални бодови (24), и одлична гол – разлика (58:3). Сето постигнување е резултат на упорната работа, посветеноста на сите тренери, претходно со собирано искуство во младинскиот погон на Победа.
– Школата брои околу 90 членови. Меѓу нив се и две прекрасни, талентирани девојки, кои се надевам ќе го носат дресот на македонската репрезентација, Ања Милеска (родена 2012 година) и голманот Ангелина Темелкоска, МВП на меѓународниот турнир „Охрид “ за генерацијата 2014. со која е освоено 3. место – вели Стевче Талески.
Школата продолжува со тренинзи и зачленување нови, дури и почетници, а крајната цел е обука на кадар за репрезентациите на Македонија, затоа што се смета дека таму се поретко има прилепчани, особено по Илија Несторовски.
И НАД ПОБЕДА, А СОВЛАДАН И ВАРДАР!!!
Дали Вондеркидс имаше надеж дека ќе биде над гигантите според имињата Пелистер и Победа?
– Секој тренер гледа предизвик. Ние не сме познати како ривали само во градов, ами и подалеку. Ние на охридскиот турнир го победивме и Вардар, на пријателски меч. Имаме голема дисциплина и талентирана генерација и очекуваме многу повеќе, но прашање е каде понатаму, во Супер лигата… – додава Талески.
Школата работи во генерации и групи, секоја група со свој тренер.