По повод последните случувања и тешката ситуација во прилепскиот фудбал и во најпопуларниот прилепски клуб Победа, снимаме и емитуваме разговори со некогашни или сегашни фудбалери, тренери, членови на Управата, функционери… Денешен втор соговорник ни е 34-годишниот Стојанче Дунимаглоски, поранешен првотимец на Победа, доскорешен нејзин тренер, шеф на Стручниот штаб. Разговорот е во преполната сала од СОУ „Ристе Ристески- Ричко“ во Прилеп, пред терминот за финалето од Тринаесеттиот турнир во мал фудбал, АСП Пак (Охрид) – Теа Андреа/Хајв кафе (Прилеп).
Подолу разговорот го објавуваме во пишана верзија, прераскажан.
До претходниот септември во Победа, а сега?
– Пак со фудбалот, но сега во образованието, конкретно во Спортската гимназија. Заеднички со колегите работам со ученици родени помеѓу 2008 и 2011 година.
Народот вели „она што се сака – најдобро се работи“. Нели е така и кај Вас?
– Тоа што се знае, најдобро се работи. Како што одев на тренинзи и мечеви во Победа, така и овде – со истиот „жар“. Секогаш е многу интересно и не може да не се биде посветен на тоа.
Мислење за малиот фудбал и турнирот „Свети Никола“?
– Долга традиција се негува. Големиот интерес од публиката е очекуван, па и поголем објект, сала, би се преполнила со гледачи во овој град.
Оваа публика се интересира што се случува и со Победа, 13-та со 11 бода во второлигашкото друштво. Какви се информациите за неа?
– Не сум информиран многу. Но, секако, впечаток е дека ги потроши сите свои ресурси, така што само ако овој играчки кадар се засили – може да се спаси. Други клубови носат многу отстрана. Детонит, на пример – од Радовиш нема ниту еден играч, ами сите се отстрана.
Знаеме и за друг проблем во Победа – финансискиот?
– Да. Финансиска инјекција е неоподна во таа борба за опстанок директен или преку бараж, опстанок во Втората лига.
Доколку финансиски зимава се среди клубот и во своите редови ги доведе сите што ги сака и што е во моментов можно, тогаш дали напролет има шанси за опстанок?
– Да, има шанси и во Победа вреди да се вложи. Иако се знае дека во зимскиот е потешко доведување отколку во летниот преоден рок. Но со добра организација – може да се спаси сезоната.
И во најтешкото за фудбалот во градов, пак со многу интерес се зборува за Победа. Може ли Прилеп без Победа?
– И во цела бивша Југославија асоцијацијата за Прилеп е – Победа.
Столе Дунимаглоски е еден од луѓето којшто има што да каже, свој став, во врска со овие актуелности по повод Победа, така што ако биде организиран некој собир по нејзин повод, пожелно е токму тој да биде поканет меѓу првите што би учествувал и би се обратил на присутните на тој собир, покрај други некогашни и сегашни тренери и фудбалери, претставници клупски или на организации и компании.