Кај Јарболот, во центарот на Прилеп, и за денеска напладне (12 часот) најавен е собир на фудбалските љубители, приврзаниците на Фудбалскиот клуб Победа. Тие преку собирите сакаат да ја покажат својата приврзаност кон најсаканиот клуб, љубовта кон него, како и болката за она што се случува – згаснувањето и најавата дека во пролетниот дел нема да учествува во првенството од Втората лига. Болката е и за згаснувањето на другите екипи покрај сениорската – кадетската, постарата пионерска, помладата пионерска, најмладата. Познато е кој е најголемиот проблем кој доведува до ова – финансискиот, големите долгови на клубот. Има предлог насобраните да се покажат пред две институции – Општината и Стопанската комора.
Во Прилеп на спортски план секој со различни маки. Така, Кошаркарскиот клуб Мега баскет е со одлични резултати во Првата лига на Македонија за мажи и во плејофот којшто стартува следниов викенд може да атакува кон највисокиот ранг – Супер лигата на Македонија. Меѓутоа, проблем иако финансиски нема, има друг проблем – сала! Клубот на располагање има само училишна сала од ООУ „Добре Јованоски“, што не е доволно, така што немањето соодветна сала (Универзалната или салата „Македонија“ во Прилеп) може да доведе клубот да не биде подготвен сосема за највисок ранг или првенствените мечеви како домаќин да ги игра во – Битола или Кавадарци, што е поразително за прилепчаните.
Значи, скоро секој спорт има проблем во Прилеп – а засега собир за секој ден од 12 часот најавија само приврзаниците на Фудбалскиот клуб „Победа“.