Тешко, претешко е да се објасни што се случува во фудбалски Прилеп, со ФК Победа. По соопштението од ФК Победа во кое, меѓу другото, јавноста се известува дека во овој момент клубот е со блокирана сметка и во крајно очајна финансиска ситуација, поради што, сениорската екипа не е во можност да го продолжи натпреварувањето во Втората лига, се јави реакција на голем број фудбалски приврзаници, на луѓе упатени во фудбалските случувања.
До нашиов медиум се јавија и такви луѓе коишто замолија да се објави оти прилепчаните коишто се моќни ќе се обединеле и дека ќе се бореле во последен момент да се спаси ФК Победа, да се спаси и сениорскиот тим за да ја дозаврши сезоната во Втората лига на Македонија. Борбата ќе се водела за да се обезбеделе финансии во последен миг, играчки и тренерски кадар итн. Замолија да не се објавуваат нивните имиња, на тие што се во таа борба за спас, а за ден-два кога ќе се закаже почеток на тренинзите, тогаш да се почне со објавување јавно на тие нивни имиња и презимиња. Во врска со играчкиот кадар се смета дека има слободни играчи коишто имаат право на регистрација и по завршувањето на преодниот рок. Исто така, сметаат дека е мошне важно дека клубот ФК Победа се уште не доставил известување до ФФМ дека се откажува од Втората лига, така што има право да учествува во натпреварувачкиот ранг и покрај претходното соопштение до јавноста.
Чуда се случуваат, кога има силна желба. Можеби и сега ќе има такво чудо за спас на сениорскиот тим од ФК Победа, тим којшто според првенствениот распоред дома почнува со Новаци, на 21 февруари.