Најтешките денови ги живее Фудбалскиот клуб Победа, така што само заедништвото е излез од кризата. За да го има тоа заедништво меѓу прилепчаните клубот организира масовен собир за на стадионот, за утре, четврток, 19 февруари. По тој повод, подолу е соопштението испратено од Управниот одбор на ФК Победа, предводен од извршниот директор Филип Илиоски:
„Упатуваме повик до пошироката јавност за присуство на собирот, организиран од Фудбалскиот клуб „Победа“. Собирот е во вид на мини-трибина, со цел сите заинтересирани да добијат објаснување на моментната ситуација во којашто се наоѓа клубот и со можност за изнесување предлог-идеи и предлог-решенија за сега и понатаму, за конкретно расчистување на сите дилеми и недоумици во врска со настапот на сениорската екипа во пролетниот дел од Втората фудбалска лига на Македонија, во сезоната 2025/2026. Повикот е до сите новинари, фудбалери, фудбалски работници, граѓани, жители, функционери и вработени во Општината Прилеп, компании, стопанственици, засегнати и заинтересирани во врска со клубот, заинтересирани за помагање или страни коишто бараат враќање на долгови од клубот, буквално секој што го интересира, сака да праша и нешто сака да каже во врска со Победа. Собирот е закажан за утре (четврток, 19 февруари 2026) во 14.00 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп“.
Од клубот се подготвени на сите одлуки – негативни (прекин на учеството во Втората лига), но и позитивни (во последен момент одлука за одигрување на првенствените мечеви, почнувајќи од сабота со Новаци).