Фудбал

ПРИЛЕП: ЗА ВТОРНИК ПРЕДЛОЖЕНО Е ФК ПОБЕДА ДА БИДЕ ТОЧКА ОД ДНЕВНИОТ РЕД НА СОВЕТОТ ОД ОПШТИНА ПРИЛЕП!

Задутре (вторник, 24 февруари, од 10 часот) во големата сала од Општина Прилеп ќе се одржи десеттата седница на Советот на Општина Прилеп, на чиј дневен ред се шест точки, а дознаваме дека до претседателот на Советот, д-р Билјана Кржеска, од страна на партијата Левица предложена е и уште една точка: Предлог за донесување на Заклучок за интервенција на ЕЛС Општина Прилеп во решавање на статусот на Друштвото за спортски активности Фудбалски клуб Победа АД Прилеп. Конкретен предлагач е советникот во Советот на Општина Прилеп, Жарко Стеваноски од Прилеп.

Во образложението, меѓудругото, се наведува дека брендот ФК Победа е од 1941 година, дека седумпати бил првак на некогашната СР Македонија, во рамките на СФР Југославија, а неколкупати бил близу до влезот во Првата лига на Југославија. За актуелните случувања пишува дека финансиската состојба го отворила прашањето за опстојување на овој наш прилепски бренд, а и поради најавите за радикализација на незадоволството од Навивачката група „Мајмуни“ и сите поддржувачи на овој клуб, се смета оти не може а да не ја засегне и Локалната самоуправа, се вели понатаму во образложението.

Издвојуваме уште нешто. За присуство на Седницата се бара да бидат поканети Дејан Проданоски, градоначалник на Општина Прилеп, Александар Илијески, член на Навивачката група „Мајмуни“, поранешен комесар за безбедност на ФК Победа (н.з. комесар за безбедност и вчера, на мечот Победа – Новаци) и Филип Илиоски, извршен директор на ФК Победа. Целта е отворање расправа за можните решенија на статусот на фудбалскиот клуб и надминување на актуелната состојба, а на расправата се остава можност да земат учество и членовите на Советот, со свои предлози, врз што да се донесе Заклучок. Во Заклучокот се бара да стои дека Советот на Општина Прилеп ја потврдува потребата од интервенција на ЕЛС Општина Прилеп во решавање на статусот на Друштвото за спортски активности ФК Победа АД Прилеп, а се задолжува градоначалникот на ЕЛС Општина Прилеп во рок од 8 дена по објавување на Заклучокот во Сл. гласник на Општина Прилеп да отпочне постапка на преговори со овластените лица на ФК Победа за преземање на акциите на Акционерското друштво, а во рок од 8 дена по завршените преговори до Советот да достави конкретен предлог-одлука за купување на акциите од ФК Победа АД и за негова трансформација во Градски фудбалски клуб Победа Прилеп.

Предлогот за нова точка на Дневниот ред е поднесен завчера, на 20 февруари.

Од категоријата

СЕКОЈ ДЕН НОВОСТИ!

Зоран Иге

ПРВО СКОПЈЕ, ПА АРАЧИНОВО!

Зоран Иге

МАНТА ПО 25 ГОДИНИ ИСКУСТВО ДО ФУНКЦИЈАТА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФФМ!

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе

Шампион