Првата панел-дискусија насловена „Удар врз спортот“ од Комисијата за спорт на СДСМ се одржа во Прилеп, во Центарот за култура „Марко Цепенков“, а причините беа наведени на почетокот. Беше кажано дека покрај лошата ситуација во спортот на македонските спортисти, клубови, репрезентации, дека Министерството за спорт со ништо не го оправдало своето постоење, а конкретно за Прилеп дека повод се случувањата во прилепскиот спортски бренд ФК Победа, а и катастрофалната состојба на спортските објекти во градот, пред се Универзалната сала и салата „Македонија“.
Околу 50 луѓе не само што присуствуваа на настанот, ами имаа можност да се вклучат со свои ставови, мислења или прашања до панелистите, Панче Милевски – Панта, дипломиран кошаркарски тренер и професор по физичко и здравствено воспитување, Снешка Балова, поранешна репрезентативка во кошарка и професор по физичко и здравствено воспитување, Наумче Мојсовски, поранешен репрезентативец во ракомет, дипломиран економист и некогашен директор на Агенцијата за млади и спорт, Јане Николоски, поранешен фудбалски голман и репрезентативец, фудбалски тренер.
– Во минатото имавме Агенција за млади и спорт, којашто беше предводена од директор и немавме претставник во Владата, а имавме буџет којшто растеше од 6 милиони до 10 милиони евра. Денеска добивме Министерство за спорт со министер, каде што 15 милиони евра го симна буџетот на 5,4 милиони евра, Добивме моќ, изгубивме буџет – беше речено.
Многу работи беа кажани и за прилепскиот спорт, особено за ФК Победа. Дека најважно е што ФК Победа и натаму се натпреварува (за време на панел-дискусијата играше меч во Каменица), а решението за спас на клубот е едно единствено – акциите да се откупат од мнозинскиот акционер и да бидат сопственост на Општина Прилеп, а натаму оваа институција да бара решение во кое би вклучила и успешни прилепски компании.
Меѓу присутните имаше и познати прилепчани од областа на спортот: Тони Димоски, некогашен ракометен голман на Тутунски комбинат, Илчо Иваноски, некогашен ракометар на Вардар и Тутунски комбинат, Орде Иваноски – Оцо некогашен претседател на ФК Победа, Зоран Милошески – Милошо. новинар и некогашен кошаркар, Кире Иваноски – Балче, навивач на Победа од групата „Борини“, Сребре Стефаноски, фудбалски тренер…
Најавени се серија панел-дискусии низ државата, а една од нив да се одржи пак во Прилеп.