Започна пролетниот дел од Супер лигата на Македонија во пинг-понг за мажи, со 10. коло, а екипата Младост 96 продолжува успешно и со доминација. Во дуелот против Радовиш забележа максимална победа од 4:0. Две партии доби српскиот интернационалец Ѓорѓе Борчиќ, по една младиот крушевчанец Нико Доага и штипјанецот Петар Костовски. Тој, всушност, е повратник од САД, по неколку години. Следниот викенд, во рамките на 11. и 12. коло, Младост 96 игра против скопските Вардар и Ѓорче Петров.
А во Крива Паланка, на натпреварите од „Телеком мастерс 2026“ за јуниорки до 19 години, пак доминација на членките од Младост 96. Првото место го освои Софија Хасану, второто Фани Јованоска, крушевчанки. Подолу се Бојана Јовевска (Зегин, Берово) и Сара Стојановска (Крива Паланка).
Следниот викенд има натпревари во Втората лига за мажи, каде Младост 96 настапува со младинци и е најдобар, како и во Првата лига за жени, каде се брани титулата есенски првак со помош на Гоце Тошески, тренер повратник од странство.