Оваа 2026 година на фудбалски план во Прилеп е специфична и по тоа што има полемика околу тоа дали Фудбалскиот клуб Победа, во најтешката состојба, да го откаже учеството (така спасувајќи се од високите порази на младиот и недоволно искусен играчки кадар) или, сепак, да учествува докрај – во Втората лига на Македонија.
Има приврзаници и на едната и на другата одлука, а нам ни е најбитно како се размислува во самиот клуб Победа. Затоа вчера го посетивме Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп. И нашата поддршка за одлуката да се продолжи со тренинзи и натпревари и натаму важи, а еве и зошто:
– Што би се случило ако се престане со учеството во пролетниот дел од првенството? Младите фудбалери, меѓу кои има и такви со квалитети за настапи во репрезентации, би биле без клуб, без настапи 6 месеци! Тоа е катастрофа! Тие се иднината на Победа, иднината на прилепскиот фудбал. Со неиграње само се губи, ништо не се добива, само со играње може да се напредува, со работа, со тренинзи. Ако нема клуб, можно е и некои од тие млади играчи да се откажат од фудбалот, да прекинат со фудбал. Значи – катастрофа!
– Само со работа, со тренинзи и натпревари, може нешто да се добие. И овие играчи што сега се надвор од Прилеп, потекнуваат од Победа, за да стигнат до ова високо ниво претходно периодот го поминале во работа, во активност, во Победа. И сега многумина од нив би се вратиле ако клубот Победа се среди. А ако нема воопшто клуб, каде ќе се вратат – нигде!
– Има многу причини зошто и сегашниов играчки кадар е пожелно да биде истраен и упорен, да биде дел од клубот Победа. Обезбедени се тие минимални услови за работа, а вистинска среќа е што со нив и во овие најтешки околности работи стручно лице од кого може многу да се учи за да се напредува, тренерот Кирил Овезоски. Тренер од пред триесетина години вклучен во Победа (тогаш Победа Витаминка), повикан откако клубот се издигнуваше со тенденција за примање кадар со високо образование, кадар упатен во спортската педагогија, општата педагогија, спортската психологија итн. Беше тренер во Стручниот штаб, па на кадетската екипа на Победа, потоа и селектор на Кадетската репрезентација на Македонија. Со младинската екипа на Победа ја освои титулата државен првак на Македонија. Со дел од тие играчи, со други играчи што беа во близина, набрзина беше формиран нов тим, во рамките на новоформираниот Фудбалски клуб Викторија 2010, со кого е освоено првото место во Третата лига – Југ, без пораз, со само два нерешени меча, сите други со победи. Професор по физичко и здравствено воспитување, двапати избиран за спортски педагог на годината, завршени специјалистички студии на катедрата по фудбал во Скопје, на Факултетот за физичка култура, стручњак од каде произлегле македонски репрезентативци во повеќе категории.
– Доколку се престане со учество во пролетниов дел од Втората лига, тогаш првпат во историјата Победа сама, со своја одлука, напушта едно натпреварување. Првпат во историјата! Зарем и ова не е причина за да се истрае, да се издржи до крајот и на ова првенство?
– Навистина тешко е да се издржи по највисоки порази, ама треба да се издржи. Потсетуваме што било речено на првиот состанок меѓу фудбалерите и другите вклучени во клубот, непосредно пред стартот на пролетниот дел. Првата реченица била прашање: Дали сте подготвени, деца, и на полоши резултати? Свесни сме што не очекува, ама поинаку не може. Она искуство што ви треба, не може да се добие поинаку, туку само со активност – 60 тренинзи, 15 натпревари.
– Сениорскиот тим е активен, активна е и Младинската школа. Ако згаснеше клубот, немаше да постои ниту Младинската школа. Најважно е децата да бидат со тренинзи и натпревари до крајот на сезоната. Потоа кој пат ќе се одбере, нека се одбере, најдобриот пат за кој ќе се одлучат фудбалските работници, политичарите, стручњаците, компаниите…
Сигурно има уште причини да се редат, но и овие што ги наведовме се доволни за Победа да продолжи. Една голема причина е – публиката! Зарем за неа не вреди да се игра? И покрај забраната од ФФМ, како никаде на друго место, доаѓаше да гледа фудбал од скалите кај старата болница. По 4 и пол месеци пауза, в сабота, конечно, има право за влез на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ на мечот со Скопје. Значи, Прилеп покажува сила во најтешкото, Прилеп да даде силна поддршка на овие деца, меѓу кои има и со 16 години што се нафатиле да играат за најсаканиот клуб – Победа.
