Доволно е да се спомне прекарот Маџо и се знае за кого станува збор – за Трајче Маџоски – Маџо, фудбалски интернационален судија со знакот на ФИФА и УЕФА, познат и уважен во земјава и во просторите на некогашната Југославија, дури и во Европа, во светот. За него не е чудно што иако е починат во 2011 година, дури 15 години по неговата смрт неговото име и неговото дело не се забораваат, така што Општинскиот фудбалски сојуз на Прилеп за него одреди посмртно признание.

Од кариерата на Трајче Маџоски може да се издвојат повеќе периоди. Од 17-годишна возраст бил вљубен во фудбалската топка. Бил во Победа, но не заиграл во првата постава, зашто играле врвни фудбалски мајстори како Илија Димоски – Мајсторот, Трајче Бошкоски – Чачорот, Илија Игњатоски – Даскалот, Димитар Лашкоски – Димакот. Среќата ја побарал во месниот клуб Индустријалец. Маџоски кажуваше дека тренерот Кирил Жерески го ставил на бек, а потоа и центархалф. Ја надминал средината и заминал во 11 Октомври, а ја сонувал Победа. Потоа бил тренер со Благојче Јорданоски, Бела Илиќ, Наќо Тотовски и Бранко Петкоски, но се определил за фудбалски судија, каде што брзо напредувал. Во 1972 година бил прогласен за најдобар македонски фудбалски судија. Пред заминувањето од овој свет велеше дека признанијата “Златна свирка” со амблемот на ФСМ, ФСЈ и УЕФА ги чува како зеницата во окото. Прилепските спортски новинари го прогласија и за најдобар фудбалски судија, судија на векот. Во фудбалската и во судиската кариера имал два идола. Едниот бил Димитар Лашкоски – Димакот и како што велеше неговиот втор родител, Петар Перула Костоски, врвен македонски фудбалски судија, човек со голема душа, родителска љубов, критичар и творец.
Трајче Маџоски судел долги 14 години во Првата лига на Југославија. Таму доживеал пријатни моменти, но и разочарувања. Во 1980 година го ставил амблемот на УЕФА. Како главен и помошен судија отсудил дваесетина натпревари низ Европа. Го држел несекојдневниот рекорд во фудбалското судење со прекинување на меч во 13 минута меѓу Сутјеска и Вележ во Котор. Признал една грешка и добил единица. Но му ја избришале, оти не можел да го види прекршокот. Бил загреан партизановец. Не го криел тоа од дете, но бил коректен кога и судел на оваа екипа. Прошталниот меч всушност му е пријателскиот во Прилеп, Победа – Партизан Белград 2:2, во 1996 година. Од помладата генерација фудбалски судии бил близок со колегите Томе Мазгалоски, Александар Конески, Стеван Талески и Коста Јанески.
Маџоски до пензионирањето беше вработен како генерален секретар на Победа.