За Бернис Селимоски се знае дека е прилепчанец и дека има прилепско потекло (семејството му е од Десово), дека има 16 години и дека досега успешно играше во дресот на тетовската Шкендија во дресот со број 7. Без него не можеше да се замисли тимот во првенството од Кадетската супер лига на Македонија. Велат дека успешно се снаоѓа на сите позиции освен голманската – и во одбраната и во средината и во нападот. Има брзина, техника, опасни шутеви кон голот, така што честопати беше стрелец. Затоа е пријатно изненадување за симпатизерите на Победа дека во претходниот преоден рок од тетовската Шкендија се пресели во прилепска Победа. Вистина е, а за ова се уверивме на еден од тренинзите на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, каде со задоволство работеше со соиграчите, извршувајќи ги задачите на тренерот Кирил Овезоски.
Момчето е подготвено и за натпреварите во сениорскиот тим на Победа. Се чека само датумот кога ќе има право да настапи пролетва. За него многу стручњаци од други прволигашки тимови се интересирале, но тој засега сака да се покаже во Победа и да даде придонес за подобри резултати до крајот на Втората сениорска лига на Македонија.