Млад фудбалски судија е прилепчанецот Влатко Илиоски, на 32 години, па затоа многу голема радост под Марковите Кули предизвика неговото минатогодишно деби во рамките на ФИФА како меѓународен судија. А таа прилепска радост може да продолжи и деновиве, бидејќи овој судија бргу напредува и како претставник на Македонија е дел од актуелните меѓународни натпревари. Моментално е на квалификациски турнир за Европско првенство до 19 години во Сан Марино. Првиот меч во петокот беше главен судија на Словачка – Сан Марино (4:2), потоа четврти судија на Белорусија – Сан Марино (6:0), а утре, четврток, пак е главен судија на дербито што го дава првакот во групата, меѓу непоразените Белорусија (6 бода) и Словачка (4 бода). Следна меѓународна обврска како четврти судија му е Европското првенство до 17 години во Естонија, од 25 мај до 7 јуни.
Дел од овие меѓународни натпревари е уште еден Македонец, битолчанецот Владимир Митревски.