Во сета оваа криза што го зафати фудбалот во Прилеп, имаат полно право најголемите критичари коишто секојдневно ги наведуваат забелешките за слабостите или недостатоците за лошите резултати. Меѓутоа, убаво е и да се издвои позитивното, поединците или групите што помагаат за овој спорт да го врати нивото што го имаше во минатото. Пред се во Фудбалскиот клуб Победа честопати се заблагодаруваат на поддршката од Општина Прилеп, во поглед на обезбедувањето храна и превоз. Така било и во пролетниот дел од второлигашкото првенство, кога клубот го воделе неколкумина доброволци – Филип Илиоски, Александар Крајоски, Рубин Алексоски, Александар Илиески, покрај тренерите Кирил Овезоски и Дејан Јованоски… За обезбедување храна се јавил напомош и наш прилепчанец од Германија, Бобан Секулоски – Вукасо. Познат голман, од татко легендарен голман Петре Секулоски – Вукасо, од фамилија фудбалска, приврзана за Прилеп и Победа. Во животот нема поубаво од давањето помош некому кога таа му е најпотребна, а токму тоа се случи неодамна во Прилеп.
А во врска со Победа, надеж дека овој клуб ќе може да се врати на старите патеки е она што деновиве се случува на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Наместо оштетена и пожолтена трева, може да се види пак раззеленета, речиси низ целиот терен, каде на повеќе места се поставени прскалки за наводнување. Дознаваме дека бил решен проблемот со електричната енергија и со системот за наводнување.
За ова време, додека се работи на теренот од Градскиот стадион, екипата на Победа секојдневните тренинзи ги одработува на игралиштето кај Могилата или на теренот со вешташка трева кај населбата „Типски куќи“ во Прилеп.