Утре (среда) на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се игра мечот Победа – Струга, од 12. коло на фудбалската Прва лига на Македонија. Се очекува присуство на илјадници гледачи, со оглед на тоа што домашниот тим во борбата за опстанок го има против себе лидерот на табелата. Ако се погледне играчкиот кадар на двата ривала, интересно е што во прилепскиот има стружани, во струшкиот има прилепчанец. За екипата на Победа конкурираат стружаните Агон Хани и Атхе Мазари. Хани, кој има 24 години, летоска и пристапи на Победа, а дојде директно од Струга. Претходно настапувал и за Словачко во Чешка. Мазари (21-годишен) зимоска дојде во Победа од Охрид. Претходно има играно за Струга и за Шкендија.
За тимот на Струга настапува прилепчанецот Дарко Илиески, 27-годишен. Таму пристапи зимоска, како повратник од Словенија, каде играше за Копер. Претходно има играно за Пелистер, Шкупи, Тиквеш, Ширак (Ерменија), Победа, Металург, Кожуф и 11 Октомври.
Утрешниот меч почнува во 14 часот.