Смена во машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Наместо битолчанецот Божидар Мојсов, нов тренер, шеф на Стручниот штаб е прилепчанецот Страшо Илиески. Интересно е тоа што Мојсов е сменет по победата (а не како што обично се случува – по пораз) на неговиот тим дома од 24:23 над Струга, во 20. коло од Супер лигата. Сепак, од друга страна може да се каже дека ова е очекувано, ако се земе предвид дека Прилеп, пласиран на седмото место, нема веќе шанси за плејофот, на две кола до крајот од основиот дел на првенството. Имено, шестата позиција, на која е кавадаречкиот Тиквеш, далеку е шест бода, недостижни бидејќи за победа се добиваат по два бода.
Потсетуваме, Божидар Мојсов во клубот Прилеп дојде во летото 2023 година. Во сезоната 2023/24, овој тим го освои 6. место во Б-групата од Супер лигата, а потоа 1. место во плејаутот. Значи, вторпат под негово водство екипата не успеа да се избори за плејоф.
Наследникот на Мојсов, Страшо Илиески, е некогашно десно крило на Тутунски комбинат, а познат и како тренер на женскиот клуб Деспина, од 2017 до 2024 година.