Според наши сознанија, во посета на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп била комисија од Фудбалската федерација на Македонија. Посетата била во контекст на разгледувањето на сите фудбалски објекти, што конкурираат за натпреварите од највисоките рангови во рамките на државата.
Иако ништо официјално никој нема соопштено, во врска со објектот во Прилеп низ градот веќе се зборува дека во оптек биле некои забелешки. Особено внимание привлекувале димензиите на теренот – должина 105 и ширина 70 метри. Доколку на овој објект се игра меч со новововедениот ВАР-систем, тогаш камерите ќе мора да го снимаат секој дел од теренот, а тоа, веројатно, ќе било можно само доколку теренот биде потесен. Познато е дека во фудбалот правилата дозволуваат должина меѓу 90 и 115, а ширина меѓу 50 и 75 метри.
Дали ќе биде ова забелешка што ќе стои во официјалниот извештај, (а дали ќе има и други) ќе видиме кога ќе има јавен документ или јавно соопштение до фудбалската јавност. Во секој случај, Прилеп – град со пребогата фудбалска историја, заслужува да има објект според најновите фудбалски барања.