Пред три-четири недели беа последните кола, баражите или завршните мечеви од плејофот во фудбалските и останатите спортски првенства, но тоа никако не значи апсолутен одмор. Иако се употребува токму овој збор „одмор“ за овој период, за фудбалерите никако не може да се каже дека одмораат. Доволно е да се посети само едно игралиште во Прилеп – со вешташката трева. Тука од утринските часови почнуваат тренинзите. При денешната наша утринска посета, таму забележавме како се одвива тренинг на првотимците од фудбалскиот второлигаш Победа, Салим Арифи и Марио Тасески. Ги одработуваа задачите од познатиот тренер Сребре Стефаноски. Така работат не само секое утро, ами и секое попладне или приквечер. Наизменично на терен или в сала за вежбање.


Дознаваме дека и други фудбалери се активни, а можност за тоа не се само тренинзи, ами и учества на турнири во мал фудбал – во Црнилиште, Скопје, Ресен… Активни се не само сениори, туку и од помалите категории, фудбалските школи, а има и фудбалски судии. Не е мал бројот и на ветераните (пример е Милан Тодороски дојден од Австралија), како и на обичните рекреативци.

Мирно е засега само во однос на летниот преоден рок, почнат на 15 јуни.