Преодниот рок за фудбалерите веќе почна денеска, 15 јуни. Според ова, натаму секој ден може да се очекуваат новости во сите клубови, во сите рангови на натпреварување.
Еве ги сознанијата за второлигашите од ОФС Прилеп:
Досега за Големо Коњари се знае дека има во план да ги задржи досегашните првотимци, заслужни за влезот на клубот од третолигашки во второлигашки ранг, а воедно да се доведат нови играчи на дефицитарни позиции или за зголемување на конкуренцијата. Први новости, всушност, можат да се сметаат: доаѓањето на Јовица Блажески од Македонски Брод за шеф на Стручниот штаб и заминувањето на играчот Христијан Кукески во Швајцарија.
Во врска со Победа, доаѓаат позитивни информации дека со досегашните првотимци се разговара за нивно останување во клубот со кого изборија опстанок како најмлада екипа во лигата. Исклучок е Метин Ќерими, кој одлучил да замине, откако одигра во екипата пролетва, до 24 март. Се разбира, во планот е доведување на играчи кои ќе го надополнат составот со своето искуство, а ќе придонесат и за конкуренцијата. Во поглед на стручниот дел, клубот му дава поддршка на досегашниот Стојанче Дунимаглоски, доколку одобри ФФМ, бидејќи битна е А-лиценцата за која тој веќе конкурира.
Летниот преоден рок ќе трае до 6 септември.