Младиот, 16-годишен Никола Павлески стана член на гигантот од Скопје, Шаховскиот клуб Алкалоид, бившиот европски шампион, актуелен европски вицешампион. Момчето досега беше член на Шаховскиот клуб Прилеп, од каде е позајмен на скопскиот клуб за наредните две години. Трансферот сам по себе е потврда дека се работи за суперталентиран играч со голема перспектива. Иако има само 16 години, моментно е учесник на Државното првенство до 18 години, во Струмица. Таму, меѓу 13 пријавени, е на второ место според стартниот рејтинг. Во три одиграни кола собра 2 поена (има 1 пораз од Андреј Неделковски – Шах шех Битола, 2 победи, со Михаил Маркушески – Алкалоид Скопје и Марко Марковски – Шах шех Битола). Треба да се знае дека и Михаил Маркушески е суперталент од Прилеп, позајмен на Алкалоид пред повеќе месеци. Всушност, Никола Павлески и Михаил Маркушески беа соиграчи, членови на Алкалоид којшто стана државен екипен шампион на Младинското првенство до 18 години.
На насловната фотографија е Никола Павлески со ИМ Тони Кироски, некогашен член на Алкалоид, сегашен претседател на ШК Прилеп, а на долната фотографија е Михаил Маркушески.
