Нашиов медиум секојдневно добива остри критики за тоа дека не објавува никакви новости во врска со најпопуларниот прилепски спортски клуб, Фудбалскиот клуб Победа, иако летниот преоден рок за фудбалерите е почнат на 15 јуни, пред 23 дена. Забелешките, критиките се сосема оправдани.
Во врска со ова, сепак, мораме отворено да напишеме за што всушност се работи. Едноставно е – подолго време немаме никакви, апсолутно никакви официјални клупски информации. Тоа што на наша иницијатива имаше неколку интервјуа (со претставници на клубот, тренери и играчи) тоа е премалку за последниве два и пол месеца, време поминато откако јавноста разбра за формирање нов Управен одбор во клубот.
Во отсуство на информации од клубот, а во интерес на јавноста, се служиме со она што го дознаваме од други извори, со она што спаѓа во категоријата „неслужбено/неофицијално“ или веќе објавено во други медиуми. Што се случува во клубот? Се зборува дека состојбата била тешка, со стари долгови – најголемиот проблем. Се барало решение со поддршка на локални компании. Веројатно се додека не се реши тој проблем, не ќе може да се тргне понатаму. Вчера на стадионот имало некој состанок (Собрание) од долги три часа, обид за средување, но дознаваме дека истиот е одложен за другпат. А и без успешно Собрание не можело да се оди напред. Се случува борба. А дали е баш така, како што ние имаме впечаток, може да кажат само тие што го водат клубот, да кажат на прес-конференција, тоа би било најдобро решение во врска со запознавањето на јавноста.
Што да се коментира, освен да се потсети на прашањата што ги поставува јавноста. Дали ќе се задржи досегашниот играчки кадар, ќе има ли засилувања, кога ќе почнат подготовките, ова се дел од прашањата на прилепчаните коишто се приврзани за Победа.
Засега за заминати се сметаат само Иван Николоски (Шкупи), Петар Талески (Шкендија) и Метин Ќерими (?), а за Јусуф Каба има и и информации дека би сакал да остане. Првенството на Втората лига почнува на 23 август.