Вистински спектакл беше Петнаесеттиот турнир во баскет „КГЈ3Х3“ во Прилеп, на отвореното игралиште во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“. За трите дена околу теренот се собраа околу 3.000 гледачи, што навистина е бројка за восхит, бројка што вреди и кога се играат првенствени натпревари во повеќе спортови.

Натпреварите беа во три категории. Во сениорската категорија, меѓу 16 тима најдобар е со интересно име Кафе бар Читална. Во групната фаза загуби од Девет кила со 21:8, но на другите мечеви има само победи. Во групната фаза има две – 18:7 против Екипа за големи дострели и 21:15 со Антомос. Во четвртфиналето победи 12:7 со Рамен појас, во полуфиналето 21:12 со Велес, во финалето 17:13 против Дизниленд.

Во младинска конкуренција до 17 години победник е екипата Дама со финална победа од 21:19 со Еуротерм, а во новата категорија за корпорации Матадор е првак по победата од 14:8 во финалето против Балчак.

За организаторите (Стефан Стевананџија, Стефан Костоски и Марио Маџоски) висока е оценката и можат да се слушнат само пофалби од страна на сите екипи учеснички, а ги имаше не само од Прилеп, ами и од Битола, Кавадарци, Велес, дури и од Турција.