Младата фудбалска репрезентација на Шведска до 21 година најавила престој во Прилеп, во пресрет на квалификацискиот меч со Македонија. Бидејќи тој дуел е во Битола, на Стадионот „Петар Милошевски“, Шведска го одбрала игралиштето во Големо Коњари за одржување на тренинг, а хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп како место за сместување. Меѓутоа дождливото време последниве денови придонесе за измена. Теренот е преплавен со вода, така што наместо во Големо Коњари тренингот денеска е во Црнобуки, Битолско. Во Големо Коњари претходно тренинг има одржано репрезентацијата на Ерменија до 21 година, а тамошниот персонал е подготвен за гостопримство на некоја наредна репрезентација кога ќе гостува во Македонија.
Мечот Македонија – Шведска е закажан за в четврток од 17 часот.