Минатиот викенд, меѓу петокот и неделата, во Пехчево се одржаа три државни натпреварувања, на кои одличен успех постигнаа играчите на ППК „Младост 96“.
Во петокот се одржа Државното првенство за основни и средни училишта, во организација ан Федерација за училишен спорт на Македонија. Тука државен првак за средни училишта стана крушевчанката Софија Хасану, додека за основни училишта во машка конкуренција пораз во финале за освоено второ место има Мартин Ристески. Нивниот клупски другар Давид Јоноски се пласира меѓу најдобрите 8.
Во саботата се одржа Државното првенство до 21 година во организација на Пингпонгарската федерација на Македонија. Тука Софија Хасану го освои второто место каде во неизвесно финале загуби од Сара Стојановска од клубот „Ѓорче Петров“. Во игра на двојки со Фани Јованоска загубија во финале од Сара Стојаноска од „Крива Паланка“ и играчот со исто име и презиме од клубот „Ѓорче Петров“. Во мешани двојки Софија Хасану – Мартин Ристески го освоија третото место.
Во неделата повторно најдобра Софија Хасану во „ТОП 8“ во игра секој со секого на првите 8 најдобри пингпонгари од државното првенство. Со седум победи без пораз го освои првото место и со вкупни бодови од двете првенства го зазеде првото место на ранг– листата за играчи до 21 година. На „Топ 8“ во машка конкуренција играше и Мартин Ристески кој имаше 2 победи и 5 порази што е одличен успех за младиот пингпонгар.
Наредниот викенд продолжуваат лига–натпреватрите, Клубот „Младост 96“ ќе има свои натпревари и во Супер лигата во машка и женска конкуренција и во Втората лига, каде учествува втората екипа.