Во врска со Фудбалскиот клуб Победа наспроти претходните негативни, песимистички прогнози од дел фудбалски приврзаници, дознаваме и нешто спротивно – активности за спас на клубот до тоа ниво да биде моќен напролет да стигне до опстанок во Втората лига. Деновиве е вистинска битка – од поединци и групи, некогашни фудбалери, институции, луѓе на високи позиции… Сите заедно. А штом се работи заедно, кон заедничка цел, во еден правец, тогаш нема сомневање дека сигурно ќе се стигне до целта.
Клубот мора итно да ги реши финансиските проблеми, но и кадровски да се пополнат сите празни места или да се поддржат досегашните – во Управниот одбор (претседател, спортски директор, секретар…), во Стручниот штаб (шеф, помошници, физиотерапевт, лекар…), во играчкиот кадар (досегашни, повратници и сосема нови засилувања…). Сето ова би требало да се заврши за неколку дена, за што побргу да започнат подготовките, тренинзите. Првиот следен меч, прв пролетен, го има на 21 февруари, дома со Новаци. Всушност, тогаш стартува битката за опстанок, битката за избегнување на најдолните пет места од табелата.
Конечно оптимизам во Прилеп во врска со Победа, оправдан оптимизам ако се земе предвид дека се води битка за спас, битка во која се вклучени институции, авторитетни луѓе и луѓе на високи позиции.