Кај Јарболот, во центарот на Прилеп, и за денеска напладне (12 часот) најавен е собир на фудбалските љубители, приврзаниците на Фудбалскиот клуб Победа. Јарболот, всушност, е само зборно место, почетно место за собирање, а потоа можно е оттука да се посети некоја институција и сл.
Фудбалските љубители, симпатизери на ФК Победа, на овој начин сакаат да ја искажат љубовта кон овој клуб, но и несогласувањето со неговото згаснување. Имено, низ Прилеп секој ден се зборува за намерно згаснување на оваа ФК Победа и неучеството во пролетниот дел од првенствата (сениорскиот тим во Втората лига), поради големите финансиски долгови кои ги имала, наводно, за потоа да се формирал нов клуб којшто би стартувал од најнизок ранг или фузиран со друг клуб од нешто повисок ранг.
Значи, сите што не можат да го замислат Прилеп без Фудбалскиот клуб Победа, што не се согласуваат со ова што се случува – секој ден зборното место им е Јарболот во центарот на Прилеп, точно напладне во 12 часот. Така се додека нема почнато подготовки, тренинзи и мечеви на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, објект сосема празен веќе со месеци.