Во центарот на Прилеп, кај Јарболот, и за утре (сабота, 7 февруари) за точно напладне (12 часот) најавен е собир на фудбалските љубители, приврзаниците на Фудбалскиот клуб Победа. Јарболот, всушност, е само зборно место, почетно место за собирање, а потоа можно е оттука да се посети некоја институција и сл. Низ градот Прилеп се дискутира за собирот, а во тие разговори има очекувања дека утрешниот собир бидејќи е петти по ред, во неработен ден и во сабота – пазарен ден, ќе биде најмасовен досега. Фудбалските љубители, симпатизери на ФК Победа, на овој начин сакаат да ја искажат бескрајната љубов кон овој клуб, но и несогласувањето со неговото згаснување. Имено, низ Прилеп секој ден се зборува за намерно згаснување на оваа ФК Победа и неучеството во пролетниот дел од првенствата (на сениорскиот тим во Втората лига), поради големите финансиски долгови кои ги имал, наводно, за потоа да се формирал нов клуб без долгови којшто би стартувал од најнизок ранг или фузиран со друг клуб од нешто повисок ранг.
Значи, сите што не можат да го замислат Прилеп без Фудбалскиот клуб Победа, што не се согласуваат со ова што се случува – секој ден зборното место им е Јарболот во центарот на Прилеп, точно напладне во 12 часот, така и утре (сабота, 7 февруари).