Фудбалски Прилеп е поделен во врска со последните настани. Веќе пет дена траат собирите на фудбалските љубители, приврзаници на Фудбалскиот клуб Победа, собири коишто се мошне скромни, во центарот на градот. Иако многумина поминуваат кај зборното место, малкумина застануваат и се задржуваат, под изговор дека не сакаат да се срамат ако бидат обележани политички против некоја политичка опција. Други велат дека е срамота да изразуваат љубов кон клубот којшто некои поединци или групи го згаснувале намерно, наводно поради неговите големи финансиски долгови. Срам, срам, срам… овој збор се повторува многу во врска со тие што се на собирот или во оправдување за тие што не се на собирот, а што да се каже за причините коишто ги мотивирале насобраните да бидат секој ден напладне во центарот на градот? Нели е посрамно самото згаснување на најсаканиот клуб ФК Победа, нели е срамно самото неучество во пролетниот дел од првенството од Втората лига? Неучество во пролетниот дел!!! Кога тоа се случило? – Никогаш во историјата на Прилеп! Никој не може да се сети на нешто такво лошо, срамно, туку само на моментите на радост, при освојувањето две титули, трофеј од Купот, 32 меча во УЕФА, дерби, полни трибини…
Значи, во дискусиите срамно се смета згаснувањето, неиграњето во пролетниот дел од првенството, а никако собирите и искажувањето љубов кон најмилиот клуб. Така и за понеделник, 9 февруари, пак за 12 часот кај Јарболот, закажан е шестиот собир на приврзаниците на ФК Победа, приврзаниците за коишто нема запирање се додека е празен и без активности теренот од Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп.