Овој викенд стартува Плејофот од Првата лига на Македонија, група од 8 тима – четирите најдобри од А-групата (Вардар од Скопје, Мега баскет од Прилеп, Водно санс од Скопје и Охрид) и уште четирите најдобри од Б-групата (Струмица ФМП, Бутел од Скопје, Соколи од Штип и Борец од Велес). Тие се борат за првото место – пласман во највисокиот ранг, Суперлигата. Всушност, борбата е почната од есеноска, бидејќи ги пренесуваат бодовите освоени во меѓусебните дуели во таа прва фаза, а од денеска па до 5 април ќе одиграат уште по осум меча, против екипите од спротивната натпреварувачка група (двокружно, секој со секого). Екипата Мега баскет го има следниот редослед: дома со Бутел, потоа со Соколи во Штип, па дома со Струмица, на гости со Борец во Велес, па на гости со Бутел во Скопје, дома со Соколи, на гости кај Струмица и дома со Борец. Првиот меч со скопски Бутел е утре (недела, 8 февруари) од 16 часот, во салата на ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп. Прилепската публика со нетрпение го чекаше овој дуел, па нема сомнеж дека трибината ќе биде исполнета до последното место. Вреди да се гледа особено домашниот прилепски тим којшто има нови играчи, засилувања.
ДВОЈКИ: Вардар – Струмица ФМП, Мега баскет – Бутел, Охрид – Соколи и Водно санс – Борец баскет.
ТАБЕЛА: Вардар и Мега баскет по 10, Струмица ФМП, Бутел, Соколи и Борец баскет по 9, Охрид и Водно санс по 8 бода.