Денеска (вторник, 24 февруари, од 10 часот) во големата сала од Општина Прилеп ќе се одржи десеттата седница на Советот на Општина Прилеп, на чиј дневен ред се шест точки, а дознаваме дека до претседателот на Советот, д-р Билјана Кржеска, од страна на партијата Левица предложена е и уште една точка: Предлог за донесување на Заклучок за интервенција на ЕЛС Општина Прилеп во решавање на статусот на Друштвото за спортски активности Фудбалски клуб Победа АД Прилеп. Конкретен предлагач е советникот во Советот на Општина Прилеп, Жарко Стеваноски од Прилеп. По овој повод низ градот се зборува дека ќе имало присуство на навивачи, симпатизери на ФК Победа пред зградата на Општина Прилеп, а тоа нивно присуство значи поддршка за сите од Советот за прифаќање на точката на дневен ред и решавање на проблемите со најсаканиот прилепски спортски клуб.
Прилепчаните (и помладите и постарите) се секогаш со својата Победа, како на насловната фотографија од саботата, кога беше забрането за публика на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, но гледачи ги преполнија скалите кај старата болница, до стадионот.