Од 10 часот денеска во големата сала е десеттата седница на Советот на Општина Прилеп, поврзана и со фудбалот, така што се очекуваше симпатизери на ФК Победа, клуб во најтешка ситуација, да бидат пред зградата на Општина Прилеп, потоа и во големата сала. Меѓутоа, поради тоа што Советот немал законска основа да ја вметне таа точка во Дневниот ред во врска со ФК Победа (предложена од Жарко Стеваноски, советник од партијата Левица), група приврзаници на клубот наместо со присуство во големата сала од Општина Прилеп, за време на седницата беа примени кај Дејан Проданоски, градоначалникот на Прилеп. Приемот беше овозможено да го следи нашиов медиум.
Впечаток е дека групата што беше примена во канцеларијата изрази големо задоволство од разговорот со првиот човек на градот. Во тој, скоро едночасовен разговор, за единствената тема – ФК Победа, дадени се мислењата и на градоначалникот и на клупските приврзаници. Разгледана е моменталната состојба, проблемите, спомнати и дел од причините, искажани мислења во врска со иднината, предлози, претпоставки во кој правец би се движеле работите. Впечаток е дека Општина Прилеп ќе даде поддршка на сегашнава екипа од ФК Победа до крајот на сезоната, до крајот на пролетниот дел од Втората лига на Македонија, притоа е и одржувањето на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, објект каде во последно време имало настанати штети, по извршени кражби.
Од страна на градоначалникот е искажана подготвеност и во друга прилика, кога има потреба, веднаш да изврши прием на група заинтересирана за спорт, фудбал или друга област, зборови кои наидоа на одобрување кај приврзаниците на ФК Победа.