Во четвртокот, на 19 февруари 2026, на 87 години почина славниот фудбалер Томе Јакимовски – Гец. За неговиот фудбалски живот и ден-денеска знаат во најситни детали не само постарите, ами и помладите приврзаници на Победа, клуб за кого најмногу даде на позицијата лево крило.

Роден е на 17 мај 1938 година во Росоки, Тетовско, а со семејството во Прилеп е преселен на двегодишна возраст. Припаѓа на генерацијата којаштво првпат влезе во Втората лига на Југославија. Прво е освоено првото место во Македонската фудбалска лига, потоа првото место и во квалификациите. Последната победа е во Приштина со 0:1, со голот баш на Јакимовски, во 37 минута. По враќањето оттаму, екипата е пречекана на Железничката станица од илјадници прилепчани. Во првата сезона Гец стручњаците го сметаат за најдобро крило во второлигашката конкуренција. На вкупно 58 настапи на првенствени, пријателски и куп натпревари нему му се запишани дури 67 постигнати гола. Има одиграно и за Б-репрезентацијата на Југославија, во Крагуевац, против Унгарија. Потоа до 1963 година игра за скопски Вардар, а потоа пак е во прилепска Победа, каде е најдобриот стрелец со 34 гола. Всушност, на два наврати има одиграно вкупно 463 натпревари со постигнати 239 гола. Првиот период е од 1956 до 1960, вториот од 1963 до 1968. Значајни победи со екипата има уште во 1957 – со репрезентацијата на Софија 4:0, битолски Пелистер 14:0, струшки Караорман 9:0, струмичка Беласица 7:0, велешки Керамичар 10:1.
Јакимовски беше и фудбалски тренер, во 11 Октомври и во Победа.