Локалните дуели меѓу екипите членки на ОФС Прилеп се се поретки, па затоа претстојниот второлигашки меч Големо Коњари – Победа привлекува голем интерес. Покрај локалните фудбалски љубители, на трибините и околу игралиштето се очекува да бидат и многу други од цела Општина Прилеп. Мечот е предизвик за двата ривала, домашниот да покаже дека има екипа којашто заслужува да биде многу повисоко на табелата, а гостинскиот дека младинците и кадетите со кои настапува напредуваат од коло во коло. Есеноска, на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп беше 1:0 за Победа.
Според информациите од домашниот клуб, обезбедени се монтажните трибини за седење, а и доволно места за стоење, така што и доколку има над 500 гледачи, може за сите да се најде место околу игралиштето. Многу народ имаше и на претходниот меч тука со Шкендија Арачиново, уште повеќе се очекува да има сега, при гостувањето на Победа Прилеп. Со цел за многу публика, влезниците се со непроменета цена – по 100 денари.
Што се однесува до домашниот тим Големо Коњари, како засилување е најавен напаѓачот Зоран Даноски – Шукер, а на тренерската позиција Стојанче Дунимаглоски, прв стручњак во прилепска Победа до пред 6 месеца. Во Победа постои надеж за комплетен сениорски тим, составен главно од младинската и кадетската екипа, каде главен стручњак е Кирил Овезоски.
Од страна на ФФМ одредени се службените лица. Главен судија е Ангелчо Ристов, прв помошник Ване Данилов, втор помошник Зоран Ангелов (сите тројца од Неготино), четврти судија Дарко Котевски (Битола), делегат Тони Петков (Свети Николе), контролор Душко Милошески (Скопје), втор контролор Зоранчо Илиевски (Битола).
Мечот во Големо Коњари (од 21. коло на Втората лига) се игра в недела (22 март), од 14.30 часот.