Дојде и денот за одлука, денеска, среда, 13 мај, денот за кулминација на сезоната во Општинската квалитетна лига од ОФС Прилеп. Се игра финалето од Плејофот за добивање првак, помеѓу екипите Стрела (Ерековци) и Кадица (Забрчани), двете најдобри од првенството и од Плејофот. Во првенството на табелата прво место освои Кадица, со 37 бода, а Стрела второ место со 31 бод. Во полуфиналето од Плејофот Кадица со 5:1 го совлада Кадино Село, а Стрела на пенали со 5:4 беше подобра од Динамо (Мажучиште), откако во основиот дел дуелот заврши нерешено 1:1.
За денешното финале се очекува многу публика. Судии се Кирил Смоквоски, Борис Трајков и Дино Конески, контролор е Горан Спиркоски. Се игра на теренот со вештачка трева (кај некогашната Зоолошка градина во Прилеп, до населбата „Типски куќи“), а почетокот е од 17 часот.