Во Скопје се одржа силен Меѓународен младински шаховски турнир во организација на Шаховската академија од Орце Данчевски и Шаховскиот клуб Гамбит Асеко, со учество на 60 шахисти од Македонија и Бугарија. Иако право за учество имаа млади шахисти до 20 години, дел од турнирот беше и 17-годишниот прилепчанец Никола Павлески, член на ШК Алкалоид од Скопје. Тој на 7 партии освои 5,5 поени, доволни за 2. место, веднаш под победникот Бојан Михајлов од Бугарија, освојувач на 6,5 поени. Во Домот на културата во населбата Ѓорче Петров во Скопје, Никола Павлески загуби само 1 меч (од победникот Бојан Михајлов од Бугарија), имаше 1 реми (со четвртиот Кристијан Лазовски), а постигна 5 победи (над Марко Рунтевски, Малаки Насков, Кристијан Јордановски, Даниел Стефаноски и Марко Стојановиќ).
Овој настап е во рамките на подготовките на Павлески за Светското младинско првенство од 14 до 27 јуни во Монтесилвано, Италија. Таму тој ќе биде единствениот претставник од Македонија во таа возрасна категорија, а ќе биде придружуван со прилепчанецот носител на највисока титула, велемајсторот Звонко Станојоски.