Иако во медиумите беше објавена прогноза или претпоставка за можниот нов тренер, шеф на Стручниот штаб на Ракометниот клуб Прилеп, сепак, според најновите информации, клубот не е дојден до тој момент на одлука. Причина е што за оваа позиција имало повеќе заинтересирани тренери, кандидати, со кои се во тек разговорите и преговорите. Според ова, мора да има уште малку трпение кај ракометната јавност.
Во врска со ова една информација е важна – дека меѓу кандидатите за тренер на сениорскиот тим од РК Прилеп не е Страшо Илиоски, досегашниот шеф на Стручниот штаб, бидејќи договорот со него бил до крајот на претходново првенство, во кое е освоено 2. место во плејаутот, 8. место вкупно во Супер лигата. Доколку тој остане во клубот, би бил на друга позиција.
Потсетуваме на промените во играчкиот кадар: заминати се тројца – левото крило Давид Трајкоски (Алкалоид, Скопје), десниот бек Никола Шипинкоски (Охрид), левиот бек Ангелчо Органџиев (?), а дојдени се двајца – грузискиот десен бек Сандро Дарсанија (Португалија) и црногорскиот десен бек Божидар Лековиќ (Азербејџан).