Овие денови се и сешто се случува поврзано со Фудбалскиот клуб Победа, но тешко се доаѓа до официјални информации, со оглед на тоа што нема луѓе што соопштуваат нешто во улога на службени претставници. Дознаваме дека прва важна работа што се случува или би требало да се случи се акциите, бидејќи клубот Победа е акционерско друштво. Според наши сознанија 70 проценти од акциите биле откупени пред неколку месеци и се во сопственост на Јана Мицковска – Попоски. Таа била расположена да ги префрли на Општина Прилеп, па оттука и убедливо звучат тврдењата за средба во Скопје меѓу неа, како мнозински акционер и д-р Борче Јовчески, градоначалникот на Прилеп. Немаме информации дали дошло до оваа средба, ако дошло што се разговарало и дали е постигнат договор околу тие акции.
И вчера на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ на средбата од т.н. Иницијативен одбор повеќепати се потенцира важноста на акциите, т.е. дека акциите треба да се прв чекор за средување на клубот, потоа обезбедувањето на почетна сума финансии, па тренерски и играчки кадар, па тренинзи и подготовки…
Тешка, претешка ситуација во Победа, но предавање нема, борбата за спас трае…