Наместо 7, една повеќе – 8, ќе биде бројот екипи учеснички во Б-лигата од Општинскиот фудбалски сојуз на Прилеп. Дознаваме дека осмата екипа е Братство Житоше, бившиот второлигаш од сезоната 2021/22.
– Покрај играчи од Житоше, имаме и од Дебреште, Борино, Саждево, Црнилиште… Немавме време за пријателски меч, но затоа пак ќе имаме собир и тренинг во пресрет на почетокот на првенството на 27 септември. Важно за нас е што по пауза од 18 години се враќаме дома, на нашето игралиште во Житоше, коешто го оспособивме за играње, така што немаме потреба да одиме во Црнилиште, Лажани, Големо Коњари или во Прилеп кај Могилата, како порано – вели Музафер Алиоски, тренерот на Братство.
Во рамките на 1. коло, на 27 септември (сабота) од 16 часот, Братство дома игра со тимот Канатларци. Потсетуваме на другите екипи од лигата: Канатларспор (Канатларци), Боротино (Боротино), Партизан (Обршани), Корзо, Прилеп сити и Пролетер (трите од Прилеп).